Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на „Фејсбук“ објави дека денеска се сретнал со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Кристоф Камп, прва по неговото преземање на оваа функција. На средбата била нагласена важноста на континуираната соработка и бил истакнат ангажманот на Канцеларијата на Високиот комесар.
– Заеднички констатиравме дека нашата држава доследно ги исполнува обврските содржани во фундаменталните документи на ОБСЕ. Воедно, се осврнавме и на досегашната успешна соработка со Канцеларијата, која обезбедува совети и експертиза за неколку важни проекти, при што изразивме подготвеност за нејзино натамошно унапредување, со цел остварување на заедничката заложба – градење соживот, унапредување на меѓуетничката интеграција и толеранција, како и поттикнување на инклузивно и кохезивно општество, објави Муцунски на фејсбук.