Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес ќе учествува на 4. Анталија Дипломатски Форум (ADF2025), што се одржува од 11 до 13 април 2025 година во Анталија, Република Турција, соопшти МНР. Форумот е под покровителство на претседателот наТурција, Реџеп Таип Ердоган, и во организација на Министерството за надворешни работи на Турција.
Во рамки на Форумот, министерот Муцунски ќе се обрати на панел-дискусијата на тема: „Regional Ownership for a Prosperous Future in the Balkans“, а ќе оствари и бројни билатерални средби со негови колеги – министри за надворешни работи. „Во ера на зголемена нестабилност и непредвидливост, обележана со комплексни предизвици и повеќекратни кризи, Анталија Дипломатскиот Форум има за цел да ги анализира системските предизвици со кои се соочува мултилатералниот поредок и да поттикне конструктивен дијалог за враќање на дипломатијата во брзо менувачката меѓународна средина.
Согласно најавите, Форумот ќе собере глобални лидери, креатори на политики, академици, бизнис експерти, како и претставници на медиумите и граѓанското општество, со цел размена на мислења за тоа како дипломатијата може да придонесе кон заедничка акција и одговор на глобалните предизвици во фрагментираниот свет“, се наведува во соопштението.