Главната теза на обвинението дека таткото наводно дал информации за движењето на Вања, со цел да овозможи грабнување со користољубива цел, според Туфегџиќ, не е само недокажана, туку и логички и правно неприфатлива.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ, застапник на обвинетиот Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска, во завршниот збор пред Кривичниот суд Скопје побара неговиот клиент да биде ослободен од обвинението за помагање во грабнувањето на неговата ќерка. Тој ја оспори во целост основаноста на обвинението против неговиот клиент.Со силен емотивен и аргументиран пристап, Туфегџиќ го опиша случајот како трагедија за која таткото не смее да биде претворен во жртвено јагне.
– Александар, поради бруталното убиство на неговото дете и тешките последици за него и за неговото семејство, од овој суд не бара милост или одлука поради сожалување и емпатија кон него. Александар бара праведна судска одлука со која ќе бидат казнети сторителите, судска одлука со која ќе ги дознае мотивите и вистинските причини за овој монструозен чин и одговор на прашањето, зошто токму тој и неговото семејство се одбрани да бидат до крајот на животот осудени да живеат со огромна празнина, тага и болка – истакна адвокатот.
Главната теза на обвинението дека таткото наводно дал информации за движењето на Вања, со цел да овозможи грабнување со користољубива цел, според Туфегџиќ, не е само недокажана, туку и логички и правно неприфатлива.
– Обвинителството не успеа да го докаже мотивот. Самото признава дека не знае кој е мотивот, па се обидува да ја покрие таа дупка со конструкции и со претпоставки, што е недозволиво во кривична постапка – рече тој.Туфегџиќ остро го критикуваше тврдењето на Обвинителството дека, иако нема докази за комуникација меѓу Александар Ѓорчевски и првообвинетиот Љупчо Палевски, таа „сепак постоела“, само што била избришана или скриена.
– Тоа е опасен преседан – обвинителството не докажува вина, туку претпоставува вина. Тоа не е правда, тоа е фикција. Телефоните на Александар се форензички вештачени и нема ни трага, ни запис, ни бришан доказ за контакт со Палевски. Тогаш на што се темели обвинението? – праша Туфегџиќ.Адвокатот посочи дека во обвинителниот акт дури и не се тврди отворено дека убиството било од користољубие, туку дека се работи за „грабнување и убиство на малолетно лице“, што е во спротивност со самата логика на обвинувањето против Александар.
– Ако не постои објаснет мотив, ако не постои доказ за соработка, ако не постои дејствие, како тогаш Александар е обвинет? Зошто е воопшто на обвинителна клупа? – рече Туфегџиќ.Во завршниот збор тој ги потенцираше постапките на Александар по исчезнувањето на Вања, кои, како што истакна, се целосно во склад со однесување на загрижен родител.
– Тој се бореше да ја најде својата ќерка. Соработуваше со полицијата. Однесувањето му беше јавно, очајничко, човечко. Ниту еден чекор не укажува на соучесништво – додаде тој.Адвокатот повика да се признае вистинската улога на Александар во овој случај – не како сторител, туку како оштетен и како жртва.
– Тој изгуби дете. И сега некој сака да му го одземе и достоинството. Тоа не смее да се дозволи. Овој човек, неговата сопруга Зорица, целото нивно семејство – тие се жртви. Не се соучесници. Немаат никаква корист. Имаат само болка – истакна Туфегџиќ.Тој побара ослободителна пресуда, како единствена праведна судска одлука во случај каде, според него, не постои ниту мотив, ниту дејствие, ниту доказ за вина. Адвокатот Туфегџиќ апелираше Судот да не го легитимира концептот на „вина по претпоставка“, бидејќи тоа не е право, туку неправда.