За полагање на двата екстерни испита од годинашната државна матура, што ќе се спроведе на 31 мај и 11 јуни, пријавени се 15.004 кандидати. Од нив, 8.816 ученици се од средните стручни училишта, 5.966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.
-Подготовките за организирање на државната матурата течат согласно предвидената динамика. Се прават последните подготовки за реализација на испитите, изјави за МИА Даниела Јовчевска-Михајловска, директорка на Државниот испитен центар, две недели пред полагањето на првиот екстерен испит-мајчин јазик и литература, кој е задолжителен за сите ученици. Според податоците на ДИЦ, 9.969 ученици се пријавени за испитот по македонски јазик, 4.339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за српски јазик.
Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни. Како и во минатите години, и на оваа државна матура најголем број избрале да полагаат англиски јазик (13.457). За тестот по математика се пријавиле 1.246 ученици, 73 ќе полагаат германски јазик, 24 – француски јазик, 62 – естетика. За тестот по филозофија има 7 кандидати, четворица за руски јазик и тројца за италијански јазик. За надгледување на испитниот процес, ДИЦ ќе ангажира околу 2.000 тестатори.