Владејачката воена хунта во Мјанмар денеска прогласи еднонеделна жалост по силниот земјотрес што го погоди регионот, при што загинаа повеќе од 2.000 луѓе, а речиси 300 се водат како исчезнати, а речиси 4.000 беа повредени. Минутата молчење ќе започне во 12:51 часот по локално време, точно кога се случи земјотресот во петокот, јавува Би-Би-Си. Помошта дотече во Мјанмар од целиот свет, вклучително и тимови од Русија, Кина и САД, но спасувачките групи предупредуваат на појава на болести, додека лошата инфраструктура и мноштвото граѓански конфликти сериозно ги попречуваат напорите за помош.
Бројот на жртвите во Тајланд е 20, додека се претпоставува дека околу 70 луѓе се заглавени под урнатините во Бангкок. По извештаите за вибрации и пукнатини три дена по силниот земјотрес што го погоди Мјанмар и се почувствува во околните земји, во некои објекти во Бангкок е извршена превентивна евакуација на неколку згради, објавија денеска локалните медиуми. Станува збор главно за административни и деловни згради.