На вчерашните протести поради апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу во повеќе градови низ Турција, приведени се вкупно 343 луѓе. Демонстрациите се одржаа во десетина градови, вклучувајќи ги Истанбул и престолнината Анкара. Од Министверството за внатрешни работи на Турција соопштија дека приведувањата се направени за да се спречат „нарушувања на јавниот ред“ и предупреди дека властите нема да бидат толерантни на хаос и провокации. Демонстрациите започнаа во средата кога Имамоглу беше приведен под обвинение за корупција и помагање на терористичка група, заедно со уште 103 други осомничени. Тој се сметаше и за сигурен кандидат на главната опозициска Народна републиканска партија (НРП) за претседателските избори во 2028 година.
Опозициската партија НРП го оцени случајот како политички мотивиран и повика на мирни протести и покрај забраната на властите за одржување јавни собири. Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја и министерот за правда Јилмаз Тунч го осудија повикот за протести и го опишаа како неодговорен. Според министерот Јерликаја демонстрантите сакаат да го нарушат јавниот ред и да предизвикаат хаос.