Повеќе од 50 милијарди долари ќе бидат потребни за обнова на разурнатиот Појас Газа, според проценката објавена во вторникот од Обединетите нации, Европската унија и Светската банка, пренесе „Ројтерс“. Во документот од деведесет страници, трите институции заклучуваат дека се потребни 53,2 милијарди долари во следните десет години за обновување и изградба на разурнатата палестинска енклава. Во првите три години по израелската опсада, која резултираше со „масивни загуби на животи, широко раселување и големо уништување на социјалната, физичката и продуктивната инфраструктура, како и длабока хуманитарна криза“, ќе бидат потребни 20 милијарди долари.
Претстојат години на реконструкција, што најпрво бара расчистување на неексплодираните убојни средства и отстранување на милиони тони урнатини, се вели во извештајот. Се предупредува дека условите за обновување и обнова во моментов не се постигнати поради неизвесноста како ќе се управува со енклавата по војната. – Брзината, степенот и обемот на закрепнување ќе се одредуваат со овие услови – предупредуваат институциите. Израелските операции во Газа убиле повеќе од 48.000 луѓе, според проценките на здравствените власти во енклавата. Речиси 300.000 домови се целосно уништени.