Шест дена по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, се намалува бројот на критичните пациенти кои се лекуваат во земјава и надвор од државата. Но, како што посочуваат надлежните, борбата не е завршена, таа допрва претстои, почнува ризикот од инфекции и претстои можно влошување на состојбата. Сепак, утре се очекуваат протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство кои се во добра здравствена состојба што ќе се случи, најверојатно, во втората половина на неделата. Во земјава моментно се лекуваат 54 пациенти од пожарот, на Клинички центар се 27 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ – 11, во Градска општа болница – 10, додека на приватните клиники се лекуваат шест пациенти.
Од 116-те хоспитализирани во странство, 38 се пратени на лекување преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој Владата го активирала веднаш по несреќата, а останатите се пратени преку директна билатерална помош. Mинистерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб за состојбата на пациентите, вчера соопшти дека од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, се очекува идната недела пет да бидат вратени во земјава. По тријажата која ќе им биде направена, потенцира, ќе се утврди дали ќе бидат задржани на некои од трите болници во Скопје или ќе бидат испратени на домашно лекување.
Според Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), утре се очекуваат протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство кои се во добра здравствена состојба што ќе се случи, најверојатно, во втората половина на неделата. Клековски соопшти дека ФЗОМ им дал насоки на матичните лекари за отстранување на ограничувања во пропишување на лекови и боледувања за засегнатите во пожарот во Кочани и за нивните семејства, со оглед на тоа што досега не биле предвидени вакви ситуации освен за заразни болести. За секој настрадан во пожарот во Кочани ќе биде доделена итна финансиска помош во износ од 150 илјади денари која ќе се реализира преку Црвениот крст. Одлуката на прес-конференција вчера ја соопшти директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски. Владата го плаќа престојот на најблиски на пациентите што се лекуваат во странство, за што право имаат по две лица од семејството за секој повреден.