Според пријавата, првопријавениот помошник-министер Ж. Т. во 2018 година свесно и со однапред утврдена намера, не донел одлука за јавна набавка на услуги за сервисирање на возилата во сопственост на МВР, затоа што целта му била следната година да ги сервисира возилата во итна постапка.
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Ж.Т. во својство на помошник министер во Министерството за внатрешни работи и против А.С. во својство на раководител на Сектор за набавки, менаџмент и логистика во Министерството за внатрешни работи поради основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 ст.4 во врска со ст.1, од Кривичниот законик. Според пријавата, првопријавениот помошник-министер Ж. Т. во 2018 година свесно неизвршувајќи ги своите службени овластувања и со однапред утврдена намера, не донел одлука за јавна набавка на услуги за сервисирање на возилата во сопственост на МВР, иако според годишниот план таа набавка требало да се спроведе во декември. Целта му била следната година возилата да ги сервисира во итна постапка.
„Тој не презел дејствија за редовната постапка и ја загрозил безбедноста на вработените во МВР, со што ги довел возилата во состојба на дефектажа и неможност да се сервисираат. Со тоа свесно ги довел сите во состојба на итност, со намера да се спроведе итна постапка со преговарање, без објавување на оглас за поправка и сервисирање на патничките и на товарните моторни возила. Во таа итна постапка биле испратени покани само на одредени економски оператори“, соопшти Финасиската полиција. Второпријавената А. С. во својство на началник на Секторот за набавки, менаџмент и логистика при МВР, чија должност била да ги спроведува одлуките донесени од помошник министерот, иако била должна да задолжи лице кое ќе објави оглас за јавна набавка од отворена постапка, не го сторила тоа и на тој начин не овозможила на други заинтересирани економски оператори да учествуваат во истата постапка, се додава во соопштението.
„Врз основа на тоа, првопријавениот Ж. Т. склучил рамковна спогодба по итна постапка со преговарање без објавување на оглас. На тој начин првопријавениот, заедно со второпријавената овозможиле противправна имотна корист за носителите на набавката Коп Компани ДООЕЛ Скопје, Пржо Автокомплекс ДООЕЛ Битола, Аутомакедонија АД Скопје, ДТУ Авто сервис Раде ДООЕЛ увоз-извоз с. Теарце Тетово и МИ – ДА Гранд Моторс ДОО Скопје, по 9.440.000,00 денари поединечно за секој правен субјект, односно вкупен износ од 47.200.000 денари со ДДВ“, се наведува во соопштението од Управата за финансиска полиција.