Многу вработени од автомобилската индустрија, вклучително и оние од Шкода во Чешка, која планира да ја намали својата работна сила за 15 проценти, би можеле да се преселат во наменска индустрија, пишуваат европските медиуми.Имено, во текот на изминатите три децении, Чешка се појави како светски лидер по бројот на произведени автомобили по глава на жител. Минатата година беше рекорд: земјата со население од 10 милиони произведе над 1,4 милиони возила, речиси четири проценти повеќе од претходната година. Сепак, во првиот квартал од 2025 година производството падна за 7,1 отсто, главно поради намалената побарувачка за автомобили на западноевропскиот пазар, кој се соочува со предизвиците на транзицијата кон електрични возила, со дополнителното оптоварување на американските царини.
Производството на оружје ќе ја замени автомобилската индустрија?
Спротивно на тоа, чешката одбранбена индустрија постојано рапидно расте и го проширува производството во последните три години. Само во изминатата година од Прага во Киев беа испорачани околу 1,5 милиони парчиња артилериска муниција, од кои половина милион беа со калибар 155 мм.
„Ова ја позиционира Чешка меѓу главните добавувачи на муниција за Украина, заедно со САД и Велика Британија. Според сегашните проценки, во 2024 година, вкупниот извоз на воена опрема во Украина се зголеми за најмалку една третина во споредба со 2023 година, што само по себе беше рекорд“, рече министерката за одбрана на земјата, Јана Черночова, во февруари, како што објавија чешките медиуми.Одбранбениот сектор може да стане нов економски мотор за Чешка, но и за Европа, смета Дануше Нерудова, член на Комисијата за буџет на Европскиот парламент.
„Може да ги искористи производствените капацитети и работната сила ослободена од автомобилската индустрија, да го стимулира економскиот раст и во исто време да ја зајакне нашата безбедност“, изјави Нерудова за Дојче веле.Од друга страна, чешкиот економист Петр Захрадник е повнимателен.
„Нашите фабрики за оружје навистина доживуваат златно доба, тоа е вистина“, рече Захрадник, но додаде дека не верува дека производството на оружје ќе ја замени автомобилската индустрија како главен столб на економијата.
Чешката Република, поточно Кралството Бохемија во тоа време, има долга историја на производство на оружје што датира од пред Првата светска војна и продолжи по Втората светска војна, кога Чехословачка беше еден од водечките производители на оружје во Европа. Сепак, по завршувањето на Студената војна и одвојувањето на Прага и Братислава, воените трошоци и производството значително паднаа.
Но, конфликтот на истокот на Стариот континент значеше и ренесанса за чешката одбранбена индустрија. Производството на муниција, борбени возила и беспилотни летала рапидно расте, а околу 40 отсто од чешкиот извоз на оружје оди директно во Украина, каде што се отворени заеднички производствени капацитети. Од друга страна, воениот буџет на Чешката Република достигна два отсто од БДП во 2024 година, а властите планираат да го зголемат на три отсто во наредните години.
„Ова се добро потрошени пари. Според многу анализи, една круна паметно потрошена за одбрана значи три дополнителни круни во чешката економија“, изјави неодамна премиерот Петр Фијала.Според него, реално и фискално е изводливо да се зголемуваат трошоците за одбрана за 0,2 отсто од БДП годишно додека не се постигне целта.
Бумот во производство на оружје носечка економија во Европа
Како што објави специјализираното чешко воено списание „CZ Defence“, се очекува бумот во производството на оружје да продолжи и во наредниот период. Компаниите како „СТВ Груп“ и „ПБС Груп“ ги прошируваат своите капацитети. СТВ планира тројно да го зголеми производството на артилериски гранати, додека ПБС го удвојува производството на мотори за ракети и дронови. Поради тоа расте бројот на вработени во одбранбениот сектор, а многу работници од автомобилската индустрија, меѓу кои и оние од „Шкода“, која планира да ја намали работната сила за 15 отсто, би можеле да преминат во специјализираната индустрија со минимална потреба од преквалификација.
Исто така, чешкиот автомобилски гигант „Мотор Јиков груп“ го менува правецот – преминува од производство на автоделови на производство на гранати за артилериска муниција, објави азербејџанскиот воен портал „Калибар“. Благодарение на своето искуство во работа со материјали како што е железото, Мотор Џиков планира да произведува до 100.000 гранати за артилериска муниција годишно.
Меѓутоа, прашање е колку оваа економска политика ќе биде одржлива на долг рок. Доколку безбедносната ситуација во Европа се стабилизира и побарувачката за муниција и оружје се намали, масовните инвестиции во производствените капацитети би можеле да станат товар, наведува српска Политика. Иако потребата за надополнување на резервите на оружје и поддршка на Украина ќе продолжи уште некое време, одбранбената индустрија на Чешка и другите европски земји по нејзиниот модел ќе мора да најдат решение за да се прилагодат на мирот.