Иако неговата партија го поддржува стратешкиот договор со Велика Британија, Филипче посочи дека начинот на кој се обезбедуваат средствата за најавените проекти е „непатриотски“ и го блокира евроинтегративниот пат на државата. Лидерот на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, остро ја критикуваше Владата објаснувајќи дека таа ќе се задолжи шест милијарди евра за изградба на инфраструктурни проекти. Според него, наместо со европски грантови, Владата ја задолжува државата со долгови што ќе ги отплаќаат идните генерации. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека најавеното ново задолжување на Владата преку заем од шест милијарди евра е економски сомнително и политички спротивно на европските вредности. Иако неговата партија го поддржува стратешкиот договор со Велика Британија, Филипче посочи дека начинот на кој се обезбедуваат средствата за најавените проекти е „непатриотски“ и го блокира евроинтегративниот пат на државата.
„Ваков начин на заем, за вакви проекти, дефинитивно ја бележат оваа Влада како антиевропска“, изјави Филипче. Тој додаде дека јавноста има право да знае зошто токму пругата на Коридорот 10 стана приоритет, додека Коридорот 8 кој го поврзува Истокот и Западот се запоставени. „Се става акцент само на еден коридор. Се поставува прашањето дали има интереси на некоја друга земја тоа да се прави на тој начин кај нас?“, праша тој. Според Филипче суштински проблем е тоа што државата се задолжува со милијарди евра за инфраструктурни проекти кои во Европската Унија се решаваат со неповратни средства. „Да се зимаат толкави кредити, притоа да се блокира европскиот пат, е некоректно и не патриотски“, изјави тој спомнувајќи ја како пример од Хрватска, која, според него, има обезбедено девет милијарди евра од ЕУ фондови до 2027 година, од кои значаен дел се наменети за обнова на транспортната мрежа. „Во следните 10 години ќе се инвестираат 4,5 милијарди евра за обновување на дури 750 километри пруга. Значаен дел од овие средства ќе бидат грантови, значи неповратни средства – гратис, кој што никој нема да ги враќа од Европската Унија“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ порача дека вистинската проевропска и патриотска политика е да се користат достапните европски механизми и грантови, наместо да се трупаат нови долгови. Претходно премиерот Христијан Мицкоски најави дека прв од проектите кои ќе произлезат од стратешкиот договор ќе биде реконструкција и модернизација на железничкиот Коридор 10, од Табановце до Гевгелија, што ќе опфаќа и изградба на нов колосек. За волја на вистината, и СДСМ не може да се пофали со голема ефикасност во изградбата на железницата кон Бугарија. Првата од трите фази од Коридорот 8, од Куманово до Бељаковце се градеше повеќе од една деценија, социјал-демократите уште во предизборието во 2016 година најавуваа дека ќе ја завршат за две години. Оваа траса долга 31 километар ја пуштија во употреба Мицкоски и Николски во јануари годинава. Во 2022 година започна изградбата на делницата од Бељаковце до Крива Паланка, со финансиска поддршка од Европската унија во форма на грантови и заеми. Договорот со изведувачите опфаќа и делумна реконструкција на пругата од Коридорот 10. Тендерот за третата фаза, од Крива Паланка до границата со Бугарија, иако беше објавен заврши неславно. Премиерот Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски отворено ги критикуваа условите во овој тендер уште веднаш штом дојдоа на власт. Железничкиот Коридор 8 редовно е споменуван во извештаите за напредокот на земјава кон Европската унија додека брзата пруга Будимпешта-Белград-Скопје-Атина е дел од кинеската иницијатива „Појас и пат“. Извор: Новинска агенција МЕТА