Владата и министерствата имаат ангажирано најмалку 150 лица за пиар, односи со јавност и комуникации, од кои 40-тина се во службите на Генералниот секретаријат во Владата и во Кабинетот на претседателот на Владата. Но, ниту овие 150 лица не и се доволни на сегашната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да ги анализираат вестите, истражувањата и сториите кои се однесуваат за работата на сите владини министри, агенции и тела, па Владата распиша тендер преку кој ќе се бара компанија која ќе може да изработи софвтер кој автоматски ќе следи какви вести ќе се објавуваат во медиумите. Се работи за „прес-клипинг “софтвер, кој веќе постои во светот но, Владата сака да го има во свој посед. Од него, преку извештаи, Владата, министерствата и други државни институции ќе се информираат што новинарите пишуваат за нив и сите вести ќе се оценуваат дали се позитивни, негативни или неутрални, а ќе се прибираат и податоци за авторите. Сепак, во тендерските критериуми огласот е спакуван како „софтвер за оцена на медиумското влијание, со претходен мониторинг на сите медиуми, вклучувајќи и онлајн и печатени медиуми, како и социјалните мрежи“. Во техничката спецификација на тендерот, објавена на страната на Бирото за јавни набавки без предвидениот буџет, стои дека фирмата која ќе биде избрана треба да овозможи услуга за оценка на медиумското влијание или клипинг, селекција, изработка и дистрибуција на објави во печатените, електронските, интернет медиумите и на социјалните мрежи.
„Веб пристапот до објавите 24 часа на ден треба да обезбедува можност за пребарување, обележување на клучни зборови во објавата, прикажување на оригиналниот извор со линк, можност за изработка на извештаи, можност за оценување на медиумските објави во однос на позитивна, негативна и неутрална конотација, онлајн квантитативна аналитика на објавите по одредени параметри“, стои во техничката документација на тендерот. Во огласот објавен на бирото за јавни набавки за прес клипинг, не е наведена сумата односно буџетот кој Владата планира да го потроши за софтверот и стои дека ќе го користат триесетина државни институции и министерства а треба да се собираат вестите по претходно договорени зборови или термини од телевизиите, печатени медиуми, он лајн медиумите односно порталите и социјалните мрежи. Исто така, бара да има дневен извештај за тековниот ден најдоцна до 9 часот наутро следниот ден каде ќе бидат собрани сите податоци, кои теми се обработувани, од кои медиуми, кога е објавено, линк до објавата, наслов, автор, кратка содржина, транскрипција на видео прилози… Ниту една влада во регионот не гради политики врз основа на реакциите на граѓаните на социјалните мрежи, туку врз основа на анализи и податоци кои стручните служби во министерствата ги добиваат преку свои истражувања, како и врз основа на стратегии во различни области кои најчесто треба да бидат усогласени со барањата на Европската унија.
Кои вести кои ги објавиле медиумите ќе се оценуваат во владата како позитивни? И досега пиар службите на министерствата до медиумите пуштаа вести во кои се велича работата на службите како што се изградени патишта, реконструкција на училишта, социјална помош, така што сите вести кои медиумите ги презеле од владините пиар служби софтверот ќе ги категоризира како позитивни и оптимистички вести, што народски би му дошло дека „владата ќе си се фали самата себе“. Негативни ќе бидат сите вести со кои ќе се критикува, ќе се анализираат податоци и мерки на Владата, ќе се пишува за криминали на функционери во власта, за потенцијални злоупотреби, односно сите информации со кои медиумите ќе бараат одговори и одговорност во име на јавноста.
Ниту позитивни, ниту негативни, туку неутрални ќе бидат оние вести кои нема да се однесуваат на работата на Владата. Според Владата преку овој софтвер ќе се креираат политики за доброто на јавноста и на граѓаните, но и дека преку медиумските написи ќе се воочуваат грешките во работењето на институциите што е малку веројатно со оглед дека досега ниту една институција или министер после одреден новинарски напис не признале дека работеле погрешно. Тендерот е објавен на 5 март, а отворен е до 4 април до кога треба да се поднесат понудите. Покрај ова, Владата во периодот кога беше прогласена седумдневна жалост склучила договор вреден околу 370 илјади евра со две компании за мерење на рејтингот кај граѓаните. Минатата среда, три дена по трагедијата во Кочани, пак Владата за сума од 22,8 милиони денари односно 371 илјади евра со Маркет Вижн и ИПСОС кои во наредните две години треба да го мерат рејтингот на Владата кај граѓаните.