Напаѓачот кој фрли молотови коктели на произраелски митинг во Колорадо во неделата е обвинет по 16 точки за обид за убиство. Мохамед Солиман е обвинет за фрлање молотов коктел и користење на рачно изработен пламенофрлач врз група луѓе на митинг во поддршка на израелските заложници. ФБИ го нарече инцидентот „таргетиран терористички чин“. 45-годишникот од округот Ел Пасо, Колорадо, извикувал „Слобода за Палестина“ за време на нападот, според обвиненијата. Властите соопштија дека вкупно 12 лица се повредени и однесени во болници. Едно од нив е во критична состојба. Солиман, кој се соочува со федерални обвиненија за злосторства од омраза и повеќекратни државни кривични дела, им рекол на истражителите дека „сакал да ги убие сите ционисти“ и дека го планирал нападот една година, според изјавата поднесена под заклетва во неделата во која го признал нападот.
Мохамед Сабри Солиман, кој се појави на суд облечен во портокалов комбинезон од затворот во округот Болдер, се изјасни за невин за време на неговото сослушување во понеделникот. Друго рочиште за сослушување е закажано за четврток попладне, каде што ќе разговара и за кауцијата. Солиман е египетски државјанин, а според извори од полицијата, работел како независен возач за „Убер“, превезувајќи патници во последните девет месеци. Властите го товарат по 16 точки за обид за убиство од прв степен – осум од тие точки се обид за убиство со умисла. Останатите осум точки се убиство од небрежност. Доколку биде осуден по сите точки, осомничениот се соочува со максимална казна од 384 години затвор.
Вршителот на должноста американски обвинител Џ. Бишоп Гревел рече дека Солиман рекол дека го планирал нападот една година. „Тој дејствувал затоа што го мразел она што го нарекувал ционистичка група, рекол дека сака сите да бидат мртви. Не се каел и би се вратил и би го направил тоа повторно. Тој рекол дека се обидел да купи пиштол во минатото, но прибегнал кон молотови коктели кога не можел да си дозволи пиштол“, рече обвинителот.