Индискиот премиер Нарендра Моди денеска изјави дека Индија само ја „паузирала“ својата воена акција и дека ќе одговори на секој можен терористички напад. Во првите јавни коментари од почетокот на прекинот на огнот меѓу Индија и Пакистан, кој беше постигнат со посредство на САД во текот на викендот, Моди нагласи дека секој потег на Исламабад ќе биде следен, пренесе АП.
Индија и Пакистан во саботата постигнаа договор за запирање на сите воени акции на копно, во воздух и на море. Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изјави дека неговата земја се согласила на прекин на огнот, но никогаш нема да толерира кршење на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет. Високи индиски и пакистански воени претставници денеска телефонски разговараа за да проценат дали се почитува прекинот на огнот и како да се обезбеди негово спроведување. Двете страни се согласија да размислат за преземање итни мерки за намалување на бројот на војници во пограничните области, се наведува во соопштението, пренесува Танјуг.