Институтот за применети истражувања и бизнис од Скопје, ќе обучува тренери кои потоа ќе ги учат нашите наставници како да им предаваат на учениците од новите генерации, кои се веќе навикнати на користење дигитални технологии. Претставници на Институтот, учествуваа во првата активност Учење-Предавање-Обука во рамките на Еразмус+ проектот „Wonder learning for digital natives/Чудесно учење за дигитално одомаќинети ученици“ во Фуншал, Мадеира. „Проектот е финансиран од Еразмус + програмата на Европската Унија, преку Националната агенција на Португалија. Во проектот, 7 партнерски организации од Португалија, Австрија, Литванија, Романија, Турција и Северна Македонија ќе креираат стратегии и алатки за полесен пристап и користење на технологијата во основното образование, со посебен фокус на стратегии за дигитално одомаќинети ученици (digital natives), кои се веќе навикнати на користење на дигитални технологии“, информираат во Институтот.
На настанот во Мадеира присуствувале 32 учесници од 7 европски земји и промовирале различни иновативни методи во процесот на предавање и учење. Биле разгледани добрите образовни практики применувани во партнерските земји. Најдобрите 25 образовни практики за дигитално учење ќе бидат дел од брошура. На настанот биле анализирана работата на час, примената на дигитални алатки во наставата, вклучувајќи роботика и ИКТ, а се зборувало и за инклузивни активности за ученици со посебни образовни потреби.
Учесниците го посетиле и Директоратот за образование при Регионалниот секретаријат за образование, наука и технологија, каде што имале предавање за примената на инклузивни методологии за ученици со посебни потреби во образованието. Посетата на компанијата за иновации и дигитална технологија ACIN Group во Рибеира Брава, на учесниците им овозможила да се запознаат со сестраната примена на напредната дигитална технологија. Новиот пристап во наставата и учењето ќе се применат во три основни училишта во Скопје, а најдобрите практики и методи, како и дигиталните алатки развиени за време на проектот, ќе бидат достапни за користење на сите основни училишта. Извор: Новинска агенција МЕТА