Командата на НАТО во Сараево и мировната мисија на ЕУ во Босна и Херцеговина – ЕУФОР порачаа дека се подготвени да спречат какви било обиди за дестабилизација на земјата, откако претставници на Република Српска најавија радикални мерки доколку претседателот Милорад Додик биде осуден, јавија босанските медиуми. Судот во Сараево треба во среда да ја објави пресудата во случајот против Додик, кој се товари за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит. Додик и неколку претставници на Република Српска предупредија дека евентуална осудителна пресуда ќе доведе до радикални чекори. Неговите приврзаници најавија дводневни протести, додека опозицијата повика на нивен бојкот.
Од НАТО командата во Сараево соопштија дека ќе преземат мерки за спречување на евентуална дестабилизација и ја нагласија важноста на стабилноста со поддршка на операцијата на ЕУ „Алтеа“. ЕУФОР, пак, истакна дека, и покрај моменталната стабилност, мисијата останува во состојба на готовност и ќе интервенира доколку биде загрозен јавниот ред или безбедноста на цивилите. Во саботата, преку објава на платформата Икс, Додик го обвини американскиот амбасадор во БиХ, Мајкл Марфи, дека стои зад судскиот процес против него. Радован Ковачевиќ, портпарол на партијата на Додик, најави можност за референдум за нов устав на Република Српска, со кој, според него, ќе се „поништат нелегалните одлуки на високиот претставник“. Тој ги повика граѓаните на протестен собир во поддршка на Додик на 25 февруари. Обвинителството на БиХ бара затворска казна за Додик и вршителот на должноста директор на Службениот весник на Република Српска, Милош Лукиќ, како и долгорочна забрана за нивна политичка активност.