Челниците на НАТО разговараат за евентуален предлог до американскиот претседател Доналд Трамп за значително зголемување на военото присуство на Алијансата на Арктикот, јави германската новинска агенција DPA повикувајќи се на извори во НАТО.
Според написот, целта наводно е да се намалат тензиите околу статусот на Гренланд, кој е автономна територија на Данска. Спорот се најде во центарот на вниманието поради интересот на Трамп за островот, кој тој го оправдува со заштитата на американската безбедност. Анонимни извори брифираат НАТО верува оти зајакнувањето на присуството на Арктикот би можело да ги исполни овие безбедносни интереси, притоа дозволувајќи ѝ на Америка да учествува во иницијативата. Загриженоста на Трамп за Гренланд се смета за валидна, велат истите извори, особено поради засилените руски и кинески активности во регионот.
Стратешката вредност на Гренланд е голема, не само поради огромните природни ресурси, туку и како клучна локација за воена контрола на Арктикот. Климатските промени исто така ги прават подостапни маршрутите за транспорт на Арктикот, особено во летните месеци. Според извори од Алијансата, во моментов неформално се разговара за иницијативата. Предложеното воено проширување би можело да се заснова на одбранбените планови усвоени во 2023 година. САД веќе имаат присуство на Гренланд преку воената база Питуфик, која работи според договорите со Данска. Оваа база игра клучна улога во системите за ракетно предупредување, ракетната одбрана и операциите за надгледување на вселената. Дански војници се стационирани и на Гренланд, првенствено преку Арктичката команда во Нук. Трамп во изминатиов месец повеќепати изрази намера за американска контрола врз огромниот остров, кој официјално му припаѓа на Кралството Данска, велејќи дека на Америка треба да ѝ се дозволи да го купи арктичкиот остров.