Од Националната опера и балет до овој момент не одговорија на новинарските прашања за тоа зошто е укината поволноста за студентите, што, пак, се коси со Меморандумот што минатата година го потпишаа Министерството за култура и УСС УКИМ. Националната опера и балет (НОБ) го укина попустот од 50 отсто на влезниците за студентите кои сакаат да ги проследат изведбите во оваа национална установа. Овој чекор се чини дека се коси со Меморандумот што Министерството за култура го потпиша минатата година со Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ), а според кој, студентите имаат право на попуст во сите национални установи од областа на културата. Од НОБ до објавата на овој напис не дадоа објаснување за укинувањето на попустот. За укинатата студентска поволност до редакцијата на Мета.мк реагираа повеќе студенти, кои велат дека минатата година ги следеле изведбите во Националната опера и балет по половина цена, но дека од неодамна повеќе не го уживаат ова право.
„Вчера прашав за попуст на опера и рекоа дека нема веќе попуст за студентите. Цело време минатата година одев на опера и балет со карти на 50% попуст со индекс. Сега првпат слушам дека нема попуст“, вели студент за Мета.мк. Според друг студент, ваквата поволност била укината од октомври минатата година. „Во Македонска опера и балет е укинат попустот од октомври наваму. А имаше 50 отсто попуст дотогаш“, вели друг студент. Мета.мк пред неколку недели најпрво се обрати до Министерството за култура со прашање за тоа дали договореното во Меморандумот меѓу министерството и УСС УКИМ е сè уште на сила и во кои национални установи студентите имаат право на попуст. Од таму потврдија дека Меморандумот што беше потпишан во јануари 2024 година важи и понатаму во сите национални установи од областа на културата. „Потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Министерството за култура со Универзитетското студентско собрание на УКИМ- Скопје, со што на студентите им се овозможува студентски попуств од 50% на влезниците во сите национални установи од областа на културата (музеи, театри, кина, библиотеки, галерии) е сè уште на сила“, одговорија од ова министерство. „Со овој меморандум се остварува соработка помеѓу страните на меморандумот и тоа за сите студенти со уредно заверен семестар за тековната академска година, како и за вонредните студенти со попреченост. За обезбедување на попустот студентите при купување на влезниците мораат да приложат индекс (во физичка или електронска форма) за идентификација“, додаваат од таму. Мета.мк испрати прашања и до Националната опера и балет за тоа од кои причини е укината поволноста за студентите која се коси со Меморандумот. До моментот на објавување на овој текст, од националната установа не дадоа никаков одговор.
Инаку, директор на Националната опера и балет е Оливер Арсовски. Претходно во јануари, студентските попусти беа укинати и во Театар Комедија. По реакциите на студентите на социјалните мрежи, овој театар од февруари ја врати поволноста. Националната опера и балет се чини е единствената национална установа која се наоѓа во Скопје, а која не нуди попусти за студенти. Мета.мк во соработка со неколку студенти утрово се јавија во дваесетина национални установи од областа на културата и сите потврдија дека студентите имаат право на попуст од 50 отсто или пак целосно бесплатен влез. На 31 јануари 2024 година, Министерството за култура и УСС УКИМ потпишаа меморандум за соработка кој предвидува влезниците во културните установи за студентите да поевтинат за 50 отсто. Како што соопшти поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, а за Мета.мк потврдија и од ова Министерство, со мерката се опфатени сите национални установи. Меморандумот беше потпишан за студентите да имаат еднаква можност за достапност на културната сцена, да се зголеми нивното присуство во културните установи и да се олесни студентскиот стандард.
Извор: Новинска агенција МЕТА