Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во Лондон денеска се сретна со заменик началникот на Генералштабот за одбрана, воздухопловниот маршал Харви Смит со кого разговараше за моменталната безбедносна состојба во регионот, Европа и пошироко.
Генералот Лафчиски и маршалот Смит разговараа и за развојот на соработката на вооружените сили на двете држави, развојот на регионалните планови на НАТО, учеството на Армијата во мисиите на НАТО во, Романија, Бугарија и на Косово како и придонесот на Армијата во ЕУ операцијата Алтеа во Босна и Херцеговина. Соговорниците разговараа и за новиот Стратегиски одбранбен преглед на Обединетото Кралство, како и потребата од ажурирање на овој значаен документ во нашата земја, имајќи ги предвид британските искуства.
Во рамки на посетата на Лондон, генералот Лафчиски учествува на дводневната Конференција за копнено војување, каде свое излагање имаа претставници од високиот воен и политички врв на Обединетото Кралство, како и претставници на академската заедница, одбранбената индустрија и банкарскиот систем.
За време на Конференцијата, генералот Лафчиски се сретна со началникот на Генералштабот на Армијата на Обединетото Кралство, генерал Сер Роберт Вокер со кого разговараше за проширување на соработката на двете армии, исполнувањето на новите НАТО Цели на способности, користењето на капацитетите на армискиот полигон „Криволак“ и реализацијата на заедничка обука и вежби.
18.06.2025 година КАНЦЕЛАРИЈА ЗА ВОЕНИ ОДНОСИ СО ЈАВНОСТА