Отворање на овогодишниот „Beach Film Festival“ / фото: Глигор Велјановски
Плажите „Славија“ и „Сараиште“ во Охрид синоќа беа едни од кината на отворено каде се отвори седмото издание на веќе добро познатиот „Beach Film Festival“, со проекција на долгометражни филмови и музичка програма. Во наредните денови, охриѓани и туристите во градот ќе можат да проследат уште десетина филмови и настапи на бендови и диџеи.
„Нашата кино сала е всушност плажите и отворените локации низ Охрид“, рече Моника Зафировска, одговорна за јавни односи и маркетинг за Радио МОФ пред почетокот на фестивалот.
Во пикот на туристичката сезона, Зафировска вели дека се фокусираат на младите кои ја посетуваат земјава, но и на младите кои се решаваат да останат на одмор тука.
„Баш онака, да имаат некое покултурно искуство, да ги сплотиме со европските и медитеранските филмови кои ги прикажуваме на нашиот фестивал. Веќе сме и малтене бренд станати во Охрид. Првите години мислам дека многу поскромно почнавме и со оглед на тоа дека ни е веќе седма година каде што се одржува фестивалот во Охрид, имаме се побогатата програма. Имаме буквално програма од за најмалите возрасти, детски филмови и до повозрасната публика. Така што, навистина мислам дека и европските и медитеранските кинематографии им ги доближуваме на малку по несекојдневен начин“, вели Зафировска.
Новитет оваа година е детската програма на фестивалот, објаснува Зафировска, додавајќи дека секоја година гледаат што бара самата публика, за да можат да ѝ го понудат истото. Минатата година, плажата „Сараиште“ беше нова локација за фестивалот, која е попрометна, бидејќи се наоѓа во самиот центар на градот, а токму таму испаднало и да се прикажува детската програма.
„И секако, влезот ни е бесплатен, затоа што сакаме да биде и пристапно, особено ако доаѓаат со поголеми фамилии, со повеќе деца“, додава таа.
Во првите години од фестивалот, музичката програма почнала прилично скромно, но, како што вели Зафировска од „Beach Film Festival“, сега се до степен каде секој вечер имаат некаква музичка програма.
„Гледаме да донесеме и бендови и диџеи и индивидуални музички перформанси, затоа што имаме и некои што настапуваат како дуо. И навистина мислам дека успеваме на некој начин да ја анимираме и ангажираме публиката од година во година. За жал, годинава немаме работилници во текот на фестивалот, меѓутоа како дел од ‘warm-up’ програмата, имавме соработка со Шпанската амбасада, каде што се прикажуваа во пет дена, пет шпански филмови и плус тоа имавме и филмска работилница, на која што, дури успеа да се сними филм“, рече Зафировска.
Некои од проекциите во склоп на фестивалот се одржуваат и на брод, за време на три фестивалски денови, во четврток, петок и сабота. Овој тип на проекции е и најбаран од публиката, по проекциите на плажата „Славија, односно најбрзо се распродаваат местата, било кој филм да се прикаже. Зафировска се надева дека во наредните години проекциите на брод ќе можат да ѝ ги понудат на публиката за време на целиот фестивал.Оваа година, таа посочува дека има и повеќе гости на фестивалот, односно околу 50 гости – филмски екипи, актери, режисери и продуценти.
Фестивалот се одржува до недела, на плажите „Славија“ и „Сараиште“, како и на бродот „Армада“.
Програма за овогодишниот фестивалКарти за фестивалот можат да се купат на следниов ЛИНК.