Според археологот и козерватор Владимир Крстески, овој тип гробници се специфични и претставуваат единствена појава во Прилепскиот регион. Во гробниците се закопувале видни граѓани и може да бидат голема туристичка атракција.
– Нивни заеднички елементи на градење се: дромосот, преткомората и главната комора каде што се приложувале посмртните, односно, спалените останки на покојникот. Хронолошки, се датираат во 1 и од 2 век од нашата ера, односно во доцно-хелинистичкиот период. Со доистражувањата на овој тип гробници во Пелагонискиот регион ќе се надополнат сознанијата за погребувањето на луѓето од повисокиот општествено-политички статус за време на владеењето на последните македонски кралеви Филип Петти и Персеј. Со тоа ќе станат убава туристичка атракција со понатамошните конзерваторски работи и со нивното заштитување и целосен пристап за да може посетителите и туристите да ги посетат и да го видат начинот на погребување од овој тип – објаснува Крстески.
Со децении се знае за камените гробници но комплексот Маркови Кули кој сѐ уште крие тајни и големи археолошки изненадувања. Гробниците ги истражувал познатиот прилепски археолог Бошко Бабиќ во 1960-те години. Најмногу ги има во Прилепскиот регион и, според досегашните податоци, има 27 гробници. Во битолски Суводол се три, четири се во Гевгелиско-валандовскиот регион и една гробница е кај Кратово, на локалитетот „Дупка“. Има индиции за уште поголем број гробници, дури и од средновековието, а истражувањата ќе продолжат и во наредните години, со што ќе бидат доистражени сите гробници на оваа територија. Комплексот Маркови Кули е една голема некропола.
– Специфично е и тоа што се врзуваат и се наоѓаат во близина на античките градови Керамија, во непосредна близина, односно на Марковите кули, и во близина на античкиот град Колобаиса, односно во Горно село кај Трескавец. Тоа ни докажува дека во тој период овие градови живееле и имале висок политички и економски статус. Овој цел регион претставува една огромна некропола. Тоа се докажува со нашите истражувања дека се пронајдени уште 2 гроба од подознежниот период, и тоа, од средниот век. Во иднина истражувањата ќе покажат што сѐ се крие околу Марковите кули – вели археологот конзерватор од прилепскиот завод и музеј Владимир Крстески.