Со енергичен младински дух и силна посветеност кон одржливоста, завчера на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) се одржа финалето на 18-тото издание на националниот натпревар „Најдобар бизнис концепт за зелени иновации“, наменет за средношколци од целата држава.
Шеснаесет тимови финалисти, избрани од вкупно 27 ученички тимови кои аплицираа од различни градови низ Македонија, ги претставија своите бизнис концепти пред стручно жири составено од претставници на академската заедница и приватниот сектор. Идеите кои беа презентирани опфаќаа решенија за циркуларна економија, обновливи извори на енергија, намалување на отпад и иновативни еколошки производи.
„Целта на натпреварот е не само да ги поттикнеме младите да размислуваат иновативно, туку и да им дадеме платформа каде што ќе ги развијат своите претприемачки вештини и ќе научат како нивните идеи можат да имаат реално влијание“, изјави проф. д-р Ташко Ризов, продекан за настава на Машинскиот факултет.
Првото место го освоија учениците од СОУ „Гошо Викентиев“ од Кочани, второто место припадна на тимот од СОУ „Јане Сандански“ од Струмица, додека третото место го споделија средношколците од СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ и СГГУГС „Здравко Цветковски“ од Скопје.
Победничкиот тим ќе ја претставува Македонија на меѓународен натпревар за избор на најдобар бизнис модел во Централна Европа, кој ќе се одржи на островот Крит. Вкупниот награден фонд за овогодинешното издание на натпреварот надмина 300.000 денари, обезбедени од домашни и меѓународни партнери и спонзори (Македонија 2025, ХАЛКБАНКА АД Скопје, Центар за управување со знаење и други).
Натпреварот е организиран од Машинскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во соработка со Здружението Национален центар за развој на иновации и претприемачко учење, со поддршка на Центарот за извонредност во зелени иновации – ЦИЗИ и бројни партнери од академската и бизнис заедницата.
„Машинскиот факултет секогаш бил простор каде младите идеи добиваат поддршка, а иновациите се охрабруваат. Горди сме што со години наназад сме домаќини на овие извонредни средношколци, кои развивајќи го својот претприемачки дух со своите зелени концепти покажаа дека Македонија има иднина во креативноста, знаењето и одржливиот развој,“ изјави проф. д-р Радмил Поленаковиќ, редовен професор на Машинскиот факултет.
Паралелно со натпреварот, Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии при УКИМ организираа и Отворен ден. Средношколците и посетителите имаа можност да ги разгледаат модерно опремените лаборатории, да се запознаат со тековните истражувања и иновации, како и со студиските програми кои ги нудат двата факултета. Отворениот ден беше можност за директен контакт помеѓу младите и академската заедница, нудејќи кариерна инспирација за нивниот понатамошен образовен и професионален пат.
Преку оваа иницијатива, Машинскиот факултет уште еднаш ја демонстрира својата посветеност во охрабрување на младинската креативност во градењето на зелена, иновативна и одржлива иднина.