Најмалку две лица загинаа, а најмалку 12 се повредени во напад на индиската армија врз селото Котли во регионот на Кашмир, како дел од нападот на индиската армија на девет локации во Пакистан, јавува Ројтерс. Портпаролот на пакистанската војска изјави дека Индија извршила напади врз најмалку две џамии во Пакистан, додавајќи дека нападите врз џамиите „јасно го покажуваат пристапот на индискиот премиер Нарендра Моди“. Тој изјави дека Индија ги истрелала проектилите од сопствениот воздушен простор и дека погодила само цивилни цели, а не места каде што е стационирана пакистанската армија.
„Индиските тврдења дека целеле терористички цели се лажни“, изјави портпаролот на пакистанската армија. Тој додаде дека Пакистан ги активирал системите за противвоздушна одбрана и ги запрел индиските авиони кои се обиделе да навлезат во пакистанскиот воздушен простор. Пакистанската армија соборила два индиски воени авиони бидејќи биле во воздушниот простор на Пакистан, јавува пакистанската телевизија Гео. Според извештаите, пакистанските вооружени сили возвраќаат со оган и од земја и од воздух, при што сите пакистански воени авиони се неоштетени. Извори од пакистанската управа за цивилно воздухопловство изјавија дека сите комерцијални летови од аеродромот во Карачи во Пакистан се одвиваат нормално.