Најмалку пет лица загинаа при израелско гранатирање на јужната сириска провинција Дара, соопштија локалните власти. Според објавата на Телеграм, провинциските власти дадоа привремена биланс од „пет лица загинати во израелското бомбардирање на градот Кувеја, западно од Дара“. Претходно израелската војска објави дека извршила напади врз сириските воздушни бази Тадмур и Т-4, но веднаш по тие напади нема информации за жртви.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, предупреди за време на посетата на Ерусалим во понеделникот дека израелските воздушни напади врз Сирија и Либан може да доведат до „понатамошна ескалација“ во регионот. „Воените дејства мора да бидат пропорционални, а израелските напади врз Сирија и Либан ризикуваат понатамошна ескалација“, рече Калас на заедничката прес-конференција со израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар. Израел изведе стотици воздушни напади врз магацини со оружје, поморски бази и воена инфраструктура во Сирија во последните неколку недели, тврдејќи дека целта била да се спречи оружјето да падне во рацете на бунтовниците по падот на режимот на Асад минатата година. Калас ги критикуваше израелските напади, нарекувајќи ги „непотребни“ бидејќи Сирија во моментов не го напаѓа Израел, предупредувајќи дека таквите акции поттикнуваат радикализација.

Во врска со нападите врз Сирија израелската војска објави соопштение во кое се наведува дека припадниците на израелската војска идентификувале неколку терористи кои отвориле оган врз нив во јужна Сирија. Војниците возвратија со оган, а израелските воздухопловни сили (ИАФ) извршија напад врз терористите, постигнувајќи нивна неутрализација, пренесува Гардијан.