Хуманитарната фондација за Газа (ГХФ), организација поддржана од владите на САД и Израел, но критикувана од други невладини организации и ОН, објави дека најмалку петмина нејзини палестински работници се убиени, а неколку други се повредени во среда во напад за кој го обвини Хамас.
„Вечерва, околу 22:00 часот, автобус што превезуваше повеќе од дваесет членови на тимот на Хуманитарната фондација за Газа беше брутално нападнат од Хамас“, се вели во соопштението на ГХФ, нагласувајќи дека сите нејзини работници биле Палестинци. „Сè уште се обидуваме да утврдиме што се случило, но она што го знаеме е шокантно: има најмалку пет мртви, многу повредени, а се плашиме дека некои членови на нашиот тим се киднапирани и се држат како заложници“, додаде организацијата. „Најостро го осудуваме овој гнасен и намерен напад“, додадоа од таму.
ГХФ започна со работа во палестинската енклава кон крајот на мај, каде што досега дистрибуирале повеќе од два милиони оброци. Но, нивните операции беа нарушени од сцени на хаос и низа крвави инциденти во последните недели во близина на центрите управувани од непрофитната организација. Според палестински извори, речиси 200 луѓе се убиени, а повеќе од илјада други се повредени во овие инциденти. ГХФ, кој е поддржан од владите на американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, беше критикувана од хуманитарни организации и организации кои го обвинуваат дека служи на воените цели на Израел. Од своја страна, ОН одбива да соработува со него, изразувајќи забелешки на неговите методи и неговата неутралност. Хуманитарната ситуација во Појасот Газа е катастрофална, а населението е изложено на ризик од глад поради израелските ограничувања за хуманитарна помош, според Обединетите нации. Блокадата беше ублажена, но само делумно, кон крајот на мај.