Најмалку шест лица загинаа во нападите на руската армија врз Киев, додека најмалку 25 лица се ранети, според соопштението на украинските служби за вонредни состојби. Утринава , руски беспилотни летала и ракети погодија станбени области, болници и спортска инфраструктура во голем број киевски населби, соопштија службите за вонредни состојби, при што најголема штета е регистрирана во Шевченковскиот кварт каде што се урна дел од петкатна станбена зграда.
Спасувачите и пожарникарите се обидуваа да извлечат луѓе за кои се верува дека се заробени под урнатините на делумно урнатата станбена зграда, пренесува АП. Руските сили извршија напади и врз други украински места, а според досегашните информации, едно лице е убиено, а осум се повредени во нападите врз градот Била Церква, околу 85 километри југозападно од Киев. Најновите воздушни напади доаѓаат помалку од една недела откако рускиот комбиниран напад врз Украина минатиот вторник уби 28 лица само во Киев, од кои 23 во станбена зграда што се урна по директен удар од руска ракета. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече нападот едно од најжестоките бомбардирања од почетокот на војната, која сега е во четвртата година.