Претседателот на руската Дума Вјачеслав Володин упати писмо до германскиот парламент во кое ги обвини германските власти дека го влошуваат односот меѓу двете земји и ја туркаат Германија во директен судир со Русија.
„Тековниот германски елитен круг создава услови за ескалација и конфронтација“, се наведува во пораката до лидерите на главните парламентарни партии во Берлин. Володин предупреди дека Русија не посакува конфликт, но е подготвена за него, алудирајќи на зголемената германска поддршка за Украина. Според него, планираното отворање фабрика за производство на ракети во Украина со германска поддршка претставува директно вмешување во војната. Повод за реакцијата беа изјавите на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој на средба со американскиот претседател Доналд Трамп ја пофали улогата на САД во ослободувањето на Германија од нацизмот. Володин возврати дека САД не се единствениот победник.
„Советскиот Сојуз го победи фашизмот и ја спаси планетата од кафената чума“, порача Володин.