Најмалку 700 луѓе се убиени од неделата во судирите во Гома, најголемиот град во Конго, соопштија денеска Обединетите нации. Според портпаролот на ОН, Стефан Дујарик, 2.800 луѓе се повредени, додека бунтовниците М23 поддржани од Руанда го зазеле главниот град на провинцијата Северен Киву, јавува „Би-би-си“. Бунтовниците сега наводно се упатуваат на југ, кон Букаву, главниот град на Јужен Киву. Конфликтите во источно Конго датираат од 1990-тите, но ескалираа.
Бунтовниците М23, составени од етничките Тутси, тврдат дека се борат за правата на малцинствата, додека владата на Конго вели дека тие се поддржани од Руанда и сакаат да ја преземат контролата врз минералното богатство во источниот регион на земјата. Податоците за бројот на жртвите се собрани со помош на Светската здравствена организација и нејзините партнери, како и владата на Конго, во периодот од недела до четврток. Во обид да го запре напредувањето на М23, конгоанската армија постави одбранбена линија помеѓу Гома и Букаву, додека стотици цивилни доброволци беа мобилизирани да го одбранат Букаву. Бунтовниците М23 најавија претходно оваа недела дека ќе продолжат со офанзивата додека не стигнат до главниот град Киншаса, кој е на околу 2.600 километри на запад.