Зеленски ги повика сојузниците на Украина да застанат обединети за да обезбедат праведен и траен мир. Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија лансирала повеќе од 200 беспилотни летала во текот на ноќта, во најголемиот напад во војната. Тој го осуди рускиот воздушен терор и повика на единство меѓу сојузниците на Украина. „Секој ден, нашиот народ се соочува со воздушниот терор. Во пресрет на третата годишнина од војната, Русија лансираше 267 нападни беспилотни летала против Украина – најголемиот напад откако иранските беспилотни летала почнаа да ги напаѓаат украинските градови и села“, напиша тој на X. Во соопштението на украинското воздухопловство се вели дека 138 од беспилотните летала биле соборени, а уште 119 исчезнале од радарите откако биле онеспособени од електронските уреди за војување, додавајќи дека Русија исто така лансирала три балистички ракети. Пријавени се штети во пет региони на Украина.
„Вкупно, речиси 1.150 нападни беспилотни летала, повеќе од 1.400 наведувани бомби и 35 проектили од различен тип беа употребени во текот на целата недела“, рече Зеленски. Претседателот им се заблагодари на оние кои управуваат со воздушната одбрана на Украина и ги повика странските сојузници на земјата да застанат обединети за да обезбедат праведен и траен мир. „Ова е остварливо преку единството на сите партнери – ни треба силата на цела Европа, силата на Америка, силата на секој што бара траен мир“, рече Зеленски. Кијив и неговите европски сојузници се вознемирени од новиот американски претседател Доналд Трамп кој вербално го нападна Зеленски минатата недела, како и од средбата меѓу делегациите на САД и Русија во Ријад на која Украина не беше поканета. Извор: Новинска агенција МЕТА