Озлогласениот продуцент Харви Вајнстин, кој отслужува затворска казна за сексуални злосторства, поднесе тужба против својот брат Боб Вајнстин, пренесува „Мирор“. Тој ги обвинува брат му Боб и Дејвид Гласер, главниот оперативен директор на продукциската куќа „Вајнстин компани“, дека со измама го натерале да гарантира за кредит од 45 милиони долари во 2016 година, наводно за спасување на компанијата. Според него, средствата биле пренасочени за нивни лични интереси, што на крајот довело до пропаѓање на компанијата. „Харви Вајнстин беше изигран од најблиските соработници. Додека тој лично гарантираше за кредитот, другите во компанијата се збогатија и го саботираа, оставајќи го со огромен долг, додека тие профитираа за време на кризата“, изјави неговиот адвокат, Имран Ансари. Тужбата на Вајнстин е обид да ја префрли одговорноста за банкротот на „Вајнстин компани“, кој се случи среде неговиот скандал. Тој тврди дека неговиот брат и другите извршни лица се виновни за финансиски манипулации што ја ослабиле компанијата и довеле до нејзиното конечно затворање.
Овој правен потег е исто така поврзан со стара тужба за прекршување на договор, поднесена во 2017 година од компанијата „АИ интернешанл холдингс“. Во таа тужба, Вајнстин бил обвинет дека не го испочитувал личното обезбедување за отплатата на кредитот. Случајот беше ставен во мирување во 2018 година, кога „Вајнстин компани“ прогласи банкрот. Во март 2023 година, „АИ интернешанл холдингс“ се согласи да го повлече случајот, со оглед на тоа што Вајнштајн веќе беше во затвор. Сепак, адвокатите побарале предметот да остане отворен за да можат да поднесат одделна тужба против поранешните раководители на компанијата. Во ноември 2024 година, братот на Вајнстин добил судски повик, но неговиот адвокат, Брајан Кон, побарал негово поништување, тврдејќи дека Харви ја користи правната постапка за да го малтретира својот брат, кој долго време му бил „непријател“. Според него, Вајнстин намерно ја одбил можноста да се ослободи од долгот само за да може подоцна да го тужи Боб, поради што побарал санкции против него и неговиот адвокат. Наспроти тоа, адвокатот на Харви тврди дека судскиот повик бил легитимен обид за утврдување на фактите. Моментално, Вајнстин издржува 16-годишна затворска казна поради силување и сексуално злоставување во Лос Анџелес. Во исто време, го чека повторно судење откако неговите пресуди за сексуален напад и силување во Њујорк од 2020 година беа поништени.