На поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски ќе му се суди во отсуство за случајот Адитив.
Неговата адвокатка Андријана Димитрова побара да се одложи денешното рочиште затоа што ќерката на Ковачевски ја ангажирала вчера, но на предлог на Обвинителството и со решение на судот ќе му се суди во отсуство бидејќи не е достапен на органите за прогонот.
Судот ја издвои постапката и за обвинетиот Саша Крстески бидејќи имал хируршка интервенција.
Судењето е во тек, одбраната на обвинетите доставила листа на докази, но на поголем број од нив, иако барале докази од ЕСМ, не им биле доставени.
Ковачевски е обвинет за несовесно работење во службата, за неколку кривични дела се товарат Стефанов, како и ексдиректорите на РЕК Битола, Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Адријан Муча и Данчо Стојановски.
Тие во период од април во 2023 година до август во 2024 година, создале група со цел вршење на кривични дела. Според обвинението, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј. На фирмата „Браинкоде“ која го добила тендерот ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист од 6,4 милиони евра.