Вчера околу 9и40 минути полициските службеници од граничниот премин Блаце привеле албански државјанин кој се обидел да влезе во нашата држава со туѓ пасош.
„На 11.09.2023 во 09.40 часот на Граничниот премин „Долно Блаце“, полициски службеници го привеле Б.Ф.(29) од Република Албанија, затоа што при извршена гранична проверка било утврдено дека на увид дал албанска патна исправа на друго име, односно дека се послужил со туѓа патна исправа. При преглед во неговиот багаж биле пронајдени и албанска возачка дозвола и дозвола за престој издадена во Шпанија на друго име“, информираат од МВР.
Тој бил предаден на полициски службеници за понатамошна постапка и врз основа на пресуда од Основен кривичен суд Скопје, од Одделението за прекуграничен криминал и миграција му била изречена казна протерување странец од Република Северна Македонија.