Изведувачот „Бехтел и Енка“ се уште не почнал да гради на делницата Требеништа-Струга-Ќафасан иако градежните активности треба да завршат до крајот на 2027 година и во 2028 година да биде пуштена како дел од Коридор 8. Ова стои во последниот извештај за февруари кој американско-турскиот конзорциум го испраќа на Јавното претпријатие за државни патишта кое ја има улогата на инвеститор во автопатските делници од Коридор 8 и Коридор 10Д. Од Требеништа – Струга – Ќафасан не се реализирала ниту една фаза, додека на останатите три делници Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола работите се во прогрес и некаде има значителен напредок.
Во периодот од декември 2024 година, изведувачот продолжил да врши работи главно за геотехнички истражни работи, проектирање и спецификации на автопат, проект за експропријација и мобилизациските работи како и градежните активности главно за земјени работи и конструкции, како и чистење и отстранување на пронајдени експлозивни направи на патот Прилеп-Битола кои датираат од Првата светска војна. Официјалните градежни активности започнаа во март 2023, треба да завршат во декември 2027, но на овој автопат, според извештајот, не се започнати ниту геолошките истражувања.
Уште во месец март министерот за транспорт Александар Николоски најави дека ќе разговара со УНЕСКО за да се најде решение за зачувување на заштитениот статус на Охридско езеро и регионот и притоа да се изгради автопатот до граничниот премин Ќафасан, но се уште нема решение за проблемот. Министерот тогаш рече дека државата нема да оди спротивно на препораките на УНЕСКО и дека ќе се прилагоди на нивните барања макар тоа значело и поместување на трасата во правец на север. Според препораките на УНЕСКО не треба да се градат нови патишта и железница во заштитениот дел на езерото. Во овој дел влегува и трасата по која ќе минува автопатот. За 2025 година од ЈПДП на сметката на „Бехтел и Енка“ ќе легнат 150 милиони евра, но нема да се исплатат однапред туку врз основа на реализацијата. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска уште лани во август рече дека на „Бехтел и Енка“ нема повеќе да му се плаќа однапред. Таа додаде дека аванси без никаква реализација нема да бидат исплаќани, туку дека ќе се плаќа врз основа на реализација.
– Илузорно е да планирате 250 милиони евра за проектот за коридорите 8 и 10д во ситуација кога не можете да завршите експропријација, имате еден куп проблеми, кога не ја знаете трасата, односно кога знаете дека нема да ги реализирате и тие на крајот на годината ќе завршеа во некои коруптивни зделки – рече Димитриеска-Кочоска. Таа додаде дека за 2025 за овој проект ќе бидат планирани 250 милиони евра и дека веќе се работи на тоа проектот да почне да се реализира, да се гради и да се плаќа врз основа на завршени работи и ситуации. Во 2024 година немаше ниту една трансакција од државниот буџет на сметката на ЈП „Државни Патишта“ за потребите на „Бехтел и Енка“ во изградбата на автопатите Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола. Проекциите се дека целиот договор ќе чини најмалку 1,3 милијарди евра со можност да се зголеми на 1,6 милијарди, а рокот за изградба на трите делници е 2028 година.
Орце Костов