Концертот „Засекогаш во срцата“ посветен на Тоше Проески, кој ќе се одржи на петти април во Центар за култура Битола, ќе има хуманитарен карактер и дел од средствата ќе бидат наменети за Кочани. Од Центар за култура Битола известуваат дека по трагедијата во Кочани, покрај честа која му се оддава на Проески со концертот, истиот ќе биде посветен и на сите погодени од трагедијата во Кочани. – Со тага споделуваме дека овој концерт, покрај честа што ќе му ја оддадеме на Тоше, ќе биде и посвета за сите погодени од трагичниот настан што се случи во Кочани на 16.03.2025 година. Во знак на солидарност и сочувство, покрај безвременските песни на Тоше, концертот ќе вклучи и изведби на песни од ДНК.
Покрај тоа, музичарите од Камерен оркестар на Битола и Центарот за култура – Битола одлучија дел од средствата наменети за нив да ги донираат за помош на Кочани, соопштија од Центарот „Засекогаш во срцата“ е концерт кој се посветува на наши музички ѕвезди кои се починати. Првично, годинава беше најавено дека ќе биде во чест на Тоше. Во претходните години концертот беше посветен и на други ѕвезди како Пепи Бафтировски, Драган Каранфиловски Бојс, Аки Ракимовски… Најавени се настапи на Ѓоко Танески, Ана Петановска, Димитар Андоновски, Мина Блажев, Горан Наумовски и други.