„Со нетрпение го очекувам претстојниот концерт во Македонија со оркестарот на Националната опера и балет“, вели легендарниот шпански музички уметник Пласидо Доминго во интервју за „Телма“. Доминго е вториот од славните „тројца тенори“ што ќе настапи во Македонија, по концертот на Хосе Карерас на „Охридско лето“ во 2005 година. Тој во интервјуто ги споделува првите впечатоци по пристигнувањето во Скопје и првата проба. – Цело попладне ни траеше пробата, прекрасно беше, оркестарот е неверојатен, маестрото исто така, знаете дека одржувавме концерти низ Јужна Америка и оттогаш посетивме многу различни градови и имавме концерти, вели Доминго.
На концертот, кој ќе се одржи задутре, на 14 март во салата „Борис Трајковски“, ќе настапи и Марија Хозе Сири, еден од водечките сопрани во светот, како и оркестарот на Македонската опера и балет. Диригент на концертот ќе биде Жорди Бернасер од Шпанија. -Таа е неверојатен сопран. Оркестарот е навистина неверојатен. Неверојатен. Бидејќи оркестрите вообичаено уживаат во својата работа, што се вели беспрекорно, но за вокалистите овој оркестар е исто толку добар и за концерт и за опера, бидејќи многу работат, многу опери, вели во интервјуто за „Телма“ прочуениот шпански уметник, кој во јануари наполни 84 години.