Вкупен број на невработени жени во земјата е околу 52.000, а од нив, на возраст од над 50 години се 19.000 жени Околу 80 отсто од невработените жени над 50 години во земјава, без работа се подолго од една година, 23 отсто од нив работа чекаат од пет до седум години, а 13 отсто и над осум години.
Најголемите причини што повозрасните жени тешко наоѓаат работен ангажман се недостатокот на нови, дигитални вештини што ги прави неконкурентни на пазарот на трудот, потешко се одлучуваат да се вклучат во обуки за надоградување на нивното знаење, а долгогодишната невработеност ги обесхрабрува да веруваат и во нивните дотогашни знаења.
Економскиот институт од Скопје започна проект „Идентификување на причините за долгорочната невработеност на постарите жени во Северна Македонија и Србија“, кој ќе се спроведува во двете земји и во чиј фокус се невработените жени постари од 50 години, кои претставуваат една од потешко вработливите категории на пазарот на работна сила во земјата.
Директорот на Економскиот институт, Зоран Јаневски, истакна дека во следните 18 месеци ќе се истражуваат жителки на Скопскиот и Белградскиот регион, а целта е да се идентификуваат причините за невработеноста, како и да се предложат мерки, решенија и политики за надминување на оваа состојба врз основа на досегашните искуства на Словачка и Полска.
„Темата на проектот е од големо значење за земјава бидејќи долгогодишната невработеност на повозрасните жени останува сериозен социо-економски проблем. Проектот ги истражува причините кои ги спречуваат жените над 50 години да се вработат и ги адресира нивните уникатни потреби и предизвици на пазарот на трудот. Со зголемување на нивната вработливост ќе се зголеми социјалната инклузија и ќе се придонесе за економскиот развој и стабилност на земјата“, рече Јаневски.
Во текот на проектот ќе се анкетираат околу 150 жени од скопскиот регион и ќе се идентификуваат нивните проблеми со кои се соочуваат додека се во процес на барање работа, кои се причините што не се доволно мотивирани да бараат работа, како и кои се вештините кои им недостасуваат, а ги бараат потенцијалните работодавачи.
„Вештините многу брзо се менуваат па и помладите мора постојано да се надградуваат доколку сакаат да бидат конкурентни и компетентни на пазарот на трудот и доколку сакаат да ги следат промените во работните процеси.
Со проектот сакаме да ги поттикнеме и работодавачите да гледаат на оваа категорија како на потенцијални работници, иако не можат да ги задоволат барањата на сите работни места, но сигурно може да им се најде место каде ќе можат да го дадат максимумот и да со обезбедат посигурна иднина“, вели Александра Лозаноска, координатор на проектот од Економскиот институт.
Како што покажуваат податоците од Државниот завод за статистика и Агенцијата за вработување, бројот на работоспособни жени на возраст од 50 до 64 години кои се невработени во последните шест години се преполовил.
Вкупен број на невработени жени во земјата е околу 52.000, а од нив, на возраст од над 50 години се 19.000 жени. Од нив, 71 отсто се без образование или само со основно образование, додека 8,7 се со непотполно средно образование. Најголем дел, 44 отсто се Македонки, 37 отсто се Албанки и 9 отсто се Ромки. Во скопскиот регион живеат невработени 11.000 жени над 50 години.
Пишува: Сања Наумовска, МЕТА.МК