Затворениот турски опозициски лидер Екрем Имамоглу повика на единство и порача дека не се плашиво писмото прочитано на митинг за негова поддршка во паркот Малтепе на азиската страна во Истанбул, објавија новинските агенции ДПА и Ројтерс. „Не се плашам ни трошка. Затоа што нашата драга нација е обединета“, се вели во писмото од соборениот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е во затвор во Силиври под обвинение за корупција. „Нема да се подложиме на тиранијата“, порача Имамоглу во писмото, прочитано на митинг организиран од Републиканската народна партија (ЦХП), која официјално го номинираше за свој претседателски кандидат на внатрепартиските избори минатата недела. Според лидерот на Републиканската народна партија (ЦХП), Озѓул Озел, на митингот собрале 2,2 милиони луѓе. Озел рече дека главната опозициска сила од утре ќе започне со собирање потписи за петиција со која се бара ослободување на Екрем Имамоглу и распишување предвремени избори. „Ослободете го Имамоглу веднаш“, рече Озел, посочувајќи дека поранешниот градоначалник е уапсен поради „предизвикување на диктаторот“. Лидерот на опозициската партија го нарекува апсењето на Имамоглу „обид за државен удар“ извршен од Ердоган.
Во писмото на Екрем Имамоглу, прочитано на митингот, соборениот градоначалник вели: „Со секоја акција што ја презема против мене, Ердоган покажува дека е некој што бега од избори и кој се плаши од својот противник“. Имамоглу се смета за главен противкандидат на Ердоган на претседателските избори, кои треба да се одржат во 2028 година, освен ако не бидат распишани порано. Засега останува нејасно дали Имамоглу ќе може да учествува на изборите, бидејќи и тој е под истрага за врски со терористичка организација, забележува ДПА. На митингот присуствуваа членови на семејството на Имамоглу. Неговата сопруга Дилек им порача на насобраните: „Правдата не може да се забрани, совеста не може да се затвори. Ова е само почеток, ќе продолжиме да се бориме“. Лидерот на ЦХП Озгур Озел, вети дека протестите ќе продолжат и покрај забраната на властите. „Нема да застанеме додека не ја собориме оваа влада. На улиците сме, на плоштадите… Му велам на Ердоган – народот сака да го ослободите нивниот кандидат и да ги извадите гласачките кутии.
Имамоглу и другите претставници на опозициската партија беа обвинети за корупција и врски со терористичка организација, особено прокурдската партија ДЕМ, која се смета дека е поврзана со терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК). Пред неколку дена, претседателот Ердоган во говорот пред парламентарната група на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) рече: „Ако почнете да правите серија за корупција во општините во Истанбул, ќе најдете повеќе материјал отколку за бразилска серија“. Владата категорично ги отфрла обвинувањата дека гонењето на Имамоглу и неговите соработници е политичко.