Годишната инфлација во мај забрза и изнесува 3,3 проценти, главно поради покачувањето на цените на храната, откако завршија мерките за ограничување на цените. Ова е оценката на извршниот одбор на Народната банка, од првиот одржан состанок по назначувањето на новиот гувернер Трајко Славески.
Од друга страна, растот на останатите, помалку променливи цени забави, а цените на енергијата продолжуваат да паѓаат, оценуваат тројцата вицегувернери и гувернерот Славески, кои се членови на Извршниот одбор.
„Досегашните остварувања кај инфлацијата се малку над очекувањата, што покажува одредени продолжени ефекти и потреба од претпазливост. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани со продолжената неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашни фактори коишто делуваат на побарувачката.“Економската активност во првите три месеци годинава забележа раст од три отсто, што е слично на претходните квартали и поставените очекувања. Сепак, дали и понатаму економијата ќе расте, зависи од проблемите во светот и од тоа колку брзо ќе се завршат важните градежни проекти во земјата, оценува Извршниот одбор на Народна банка. За опозицискиот СДСМ економските политики на Владата се „тотален дебакл“. Посочуваат дека инфлацијата од 3,3 проценти го јаде семејниот буџет и дека економскиот раст од три проценти всушност не го следи реалниот стандард на граѓаните.
Од вадеачката ВМРО-ДПМНЕ се задоволни што нивниот политички опонент признал дека земјава последната година има раст на БДП.
„Имајќи предвид каква економска состојба беше наследена, ова е повеќе од добар резултат којшто ги поставува основите за понатамошен раст и развој на економијата. Да и ние, до некаде, ќе се согласиме дека потребен е поголем раст и за таа цел Владата посветено работи, проекти и применува мерки и политики со кои ќе постигне планираниот раст на БДП за годинава од 3,7%. А, целта на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е во наредните години растот на економијата да достигне и да надмине 4% раст на БДП.“На вчерашната седница, извршниот одбор на Народната банка препорачува каматната стапка да остане иста – 5,35 проценти за благајничките записи, а каматите за краткорочни депозити да се задржат на 3,95 и 4 проценти, за да се одржи стабилноста на денарот и цените во земјата. Сепак, оценките и препораките кои ова тело ги донесе, треба да ги ферификува во одлуки Советот на НБРМ, кој брои девет члена, на седница, која се очекува да се одржи идната недела.