Потпретседателот на Демократска партија на Србите, пратеник и единствен претставник на српската заедница во македонското Собрание Драган Недељковиќ во интервју за МИА зборува за предизвиците кои ја кочат динамиката на економското поврзување. Укажува дека е минимален влезот на српски капитал во земјава, но и на македонскиот во Србија, дека треба да се искористат сите потенцијали, посебно во винската индустрија, трговијата и земјоделството, но и во туризмот и културата.
– Само како пример ќе ви ја посочам српската компанија MTEL која функционира на македонскиот пазар, но нејзината инвестиција не е на доволно високо ниво, па оттука се поставува прашањето зoшто работите се одвиваат на ваков начин. Верувам дека ќе почнат да напредуваат, да одат во нагорна линија, бидејќи оваа Влада има многу поголем „сенс“ за економија, тоа го покажуваат неодамна преземените чекори во оваа насока, како Договорот за соработка со Велика Британија. Оттука, сметам дека во следниот период треба да направиме напор за да ја засилиме економската соработка меѓу Србија и Македонија, вели пратеникот.
Тој додава дека претстојното модернизирање на железничката пруга од Kоридорот 10 секако дека ќе донесе неколкукратно подобрување и заживување на економијата. Во оваа насока очекува дека во јуни ќе започне изградбата на заеднички железнички граничен премин на Табановце – one stop shop. Проектот е финасиран од Европската банка за обнова и развој и ќе чини 7,5 милиони евра.
– Она што во последниот период значително напредува е туристичката соработка. Огромен број македонски туристи ги посетуваат српските бањи, додека од друга страна многу српски државјани го избираат Охрид како една од нивните најомилени туристички дестинации. Овој број на посетители од Србија би бил и многу поголем, но во моментов како единствена пречка се наметнува лошата патна инфраструктура. Со изградбата на брзата пруга состојбата ќе се смени драстично, бидејќи патувањето ќе биде полесно, побрзо и пoевтино.
Исто така, препознавам огромен потенцијал во македонската винска индустрија која, според мене, треба повеќе да се промовира на српскиот пазар. Големи би биле можностите и за раноградинарските производи од Македонија кои се препознатливи по својот врвен квалитет. Само за пример, во поранешна Југославија кочанскиот ориз беше присутен на пазарите во сите републики, а подеднакво барана беше и пиперката од Струмица, вели Недељковиќ.