На денешната прес-конференција на Гренланд, каде пристигна со американска делегација, потпретседателот на САД Џеј Ди Венс даде низа изјави во кои ја истакна важноста на Гренланд за безбедносните интереси на САД, а истовремено ја критикуваше Данска за запоставување на регионот. Тој исто така рече дека Гренланд ќе има посветла иднина под американско покровителство, пренесе „Гардијан“. „Гренланд е од клучно значење за нашата безбедност“, Венс ја нагласи важноста на американското воено присуство на Гренланд уште од самиот почеток. Тој рече дека во случај на ракетен напад врз САД, воените сили од Гренланд ќе бидат првите кои ќе ги предупредат американските сили и ќе помогнат во одбраната.
„Мораме да водиме на Арктикот, бидејќи ако не водиме, другите сили ќе ја пополнат празнината“, рече Венс, мислејќи пред сè на Русија и Кина, кои, според него, сè повеќе покажуваат интерес за Гренланд и арктичките водни патишта. Венс не ја поштеди Данска, која формално управува со Гренланд. Тој рече дека Копенхаген сериозно пропуштил да инвестира во безбедноста и инфраструктурата на Гренланд, оставајќи простор за другите сили да се позиционираат.
„Данска не се држеше во чекор со воените инвестиции, а камоли со ресурсите потребни за безбедноста на Гренланд. Нашите европски сојузници премногу често не го следат чекорот. Ние сме тука да ги заштитиме луѓето што живеат овде бидејќи нивната безбедност е наша безбедност. Нашата порака до Данска е многу едноставна: Не сте направиле доволно за народот на Гренланд. Гренланд мора сам да одлучи и ние веруваме дека ќе ги избере САД“, рече Венс.
Тој јасно нагласи дека САД не планираат воена анексија на Гренланд, но веруваат дека народот на Гренланд ќе избере независност од Данска на референдум, по што, според него, САД планираат да градат партнерство со Гренланд.
„Ние веруваме во правото на народот на Гренланд на самоопределување. И веруваме дека тие ќе одлучат мудро, дека ќе ги изберат САД бидејќи само ние го почитуваме нивниот суверенитет и сакаме да им помогнеме“, рече тој. Венс, чија посета на Гренланд беше оценета и во Копенхаген и кај локалните автономни власти како наметнување и мешање во внатрешните работи, додаде дека партнерството со Америка би значело поголема безбедност и економски напредок, додека соработката со „непријателските сили“ ќе ги турне во „должнички замки што би ја загрозиле нивната иднина“. Администрацијата на Трамп постојано изразува претензии кон Гренланд, што доведе до загриженост не само во Данска, туку и кај другите партнери во Европа кои се членки на НАТО.