Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Анталија Дипломатскиот форум се сретна со генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Х. Синирлиоглу, со високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, со заменик премиерот и министер за надворешни работи на Република Молдавија, Михаил Попшоју, со министерката за надворешни работи на Грузија, Мака Бочоришвили, како и со европратеникот во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, пренесува МИА.
На средбата со високиот претставник Шмит, информираат од МНРНТ, фокусот беше ставен на политичката состојба во регионот, европската перспектива на Западен Балкан и значењето на постојана ангажираност за стабилност, мир и помирување. За средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, Синирлиоглу, од министерството велат дека била исклучително конструктивна – насочена кон размена на ставови за безбедносните предизвици и идентификување на потенцијалот за унапредување на регионалната стабилност и соработка.
На средбите со министрите за надворешни работи на Молдавија и Грузија била потврдена одличната билатерална и мултилатерална соработка, со заедничка заложба за зајакнување на економските врски и зајакнување на поддршката во рамки на европските интегративни процеси. На средбата со европратеникот Илхан Кјучук, министерот Муцунски ја истакнал важноста од отворањето и водењето на пристапни преговори како најдобар механизам за обезбедување на неповратноста на реформските процеси и демократскиот развој. Притоа, министерот нагласил дека е неопходно деескалирање на билатералните блокади и враќање на процесот на европска интеграција во неговата суштинска рамка – оценка според заслуги и исполнети критериуми.