Од Владата велат дека нема да има реконструкција, туку само смена на министри, по изјавата на Арбен Таравари дека АА излегува од Владата.
Алијанса за Албанците има две министерски места во Владата – здравство кое го предводи Таравари и вицепремиерско и министерско место за добро владеење на кое сега е Арбен Фетаи, како и шестмина пратеници. Засега се уште не се знае како ќе се одвива смената на министрите, дали и кој од АА ќе поднесе оставка или Владата ќе ги разреши министрите и други функционери од крилото на АА. Исто така е неизвесно колкумина од шестмината пратеници на АА ќе останат со Таравари.
Од Владата за МИА не ги потврдуваат информациите дека може да дојде до смена на ресорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Влен, како што синоќа навести лидерот на Беса, Билал Касами. Во однос на бројот на пратениците, Касами рече дека наскоро, можеби уште во текот на оваа недела, ќе се зголеми бројот на пратеници кои ќе мигрираат во владејачкото мнозинство. „Можам да гарантирам дека веќе сме во сериозни преговори со повеќе пратеници и од албанската опозиција и од другите членови на другите заедници кои се дел од сегашниот „Европски фронт“, рече Касами.