Откако премиерот Христијан Мицкоски јавно објави дека ќе се сретне со родителите на загинатите и повредените од пожарот во Кочани од владата сè уште нема конкретен датум кога ќе се случи средбата, единствено кажуваат дека таа ќе биде во најскоро време. -Ве информираме дека во план е во најскоро време остварување на лична средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и родителите. Должност на Владата и институциите, но и како луѓе, е да бидеме присутни, да слушаме, и да делуваме. Станува збор за длабока човечка и општествена трагедија, а Владата и институциите остануваат целосно посветени на поддршка, соочување со последиците и решавање на сите поврзани прашања, кои произлегоа од трагичниот настан во Кочани – велат од Влада за „Слободен печат“.
Оттаму посочуваат дека јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана кога ќе се реализира средбата. Мицкоски пред неколку дена најави дека ќе се сретне со родителите, речиси два месеца по трагедијата. -Цела Македонија сè уште болува и ова нема да биде болка којашто ќе престане, но мора да се соочиме со тоа и да ги решаваме работите, не можат тие сами од себе да се решат. Свесен сум дека ќе има и такви политички структури кои на лешинарски начин ќе се обидат на трагедијата на овие луѓе да соберат политички поени, но и тоа е дел од нашиот живот. Важно е ние да сме трпеливи и да ги решаваме проблемите, па понатаму граѓаните се тие кои судат и носат одлуки – рече Мицкоски.