Иранските функционери денес ги засилија своите обвинувања против шефот на нуклеарната агенција на ОН, Рафаел Гроси, додека негираа постоење на примирје со Израел, пишува Иран Интернешнл.
– Нема примирје, моментално сме во фаза на привремена пауза во војната – рече Есмаил Ковсари, член на иранскиот Комитет за национална безбедност.
– Иако нашиот напад врз американската база во Катар не предизвика човечки жртви, таа база, која е американски команден центар и е многу добро опремена, беше уништена од нашиот напад“, додаде тој.Одделно, Аболфазл Зохреванд, друг член на Комитетот за национална безбедност, го обвини Гроси за помагање на американските и израелските напади врз нуклеарните објекти на Иран и атентатите врз иранските нуклеарни научници.
– Улогата на Рафаел Гроси, генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, во охрабрувањето и помагањето на американските и израелските напади врз нуклеарните објекти и атентатите врз нуклеарните научници е сосема јасна – рече тој.Како што дополнително пишува „Иран Интернешнл“, Абдолрахим Мусави, началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили, изрази скептицизам во врска со трајноста на сегашниот прекин на огнот за време на телефонски разговор со саудискиот министер за одбрана.
Тој рече дека Иран е подготвен да одговори на секаков напад.
– Се сомневаме во трајноста на прекинот на огнот и сме подготвени да одговориме на секаква агресија – додаде Мусави.
Војната меѓу Иран и Израел траеше 12 дена, од 13 до 24 јуни 2025 година, почнувајќи со ненадејни израелски воздушни и копнени напади врз клучни ирански воени и нуклеарни цели, вклучувајќи ја и ликвидацијата на високи ирански воени команданти и нуклеарни научници, како и оштетување на воздушната одбрана и нуклеарните постројки на Иран.