На хрватскиот пазар има сè повеќе мед со сомнителен квалитет, па затоа купувачите мора да бидат многу внимателни. Претседателот на Хрватското пчеларско здружение, Дражен Коцет, посочува дека цената на медот во трговските синџири се движи од 2,74 евра до 20 евра во зависност од видот и потеклото, пишува порталот Финансии.хр. „Ниската цена на медот од 2,74 евра, е единствената во категоријата цветен мед што е во оваа приказна за сомнителни производи. Делот каде што е наведена земјата на потекло на медот е под знак прашалник бидејќи нема алатка за проверка дали навистина медот во смесата е во тој сооднос и од таа наведена земја или не. Значи, кога пишува мешавина од мед од Кина и Хрватска, може да имаме ситуација една капка мед да е од Хрватска, а 5.000 да се од Кина“, објаснува Коцет.
Тој открива дека речиси половина од медот на пазарот е сомнителен. Според него, во официјалниот извештај на Европската комисија, се наведува дека дури 46 отсто од медот на територијата на ЕУ е со сомнително потекло, што значи дека официјалните лаборатории на ЕУ немаат одговор за борбата против фалсификувањето. Фалсификуваниот мед е оној на кој се додаваат состојки за да се зголеми волуменот на производот, но тоа го намалува квалитетот. Најчесто се додаваат слатки материи како гликозен-фруктозен сируп, меласа, скробен сируп и слично. Хрватска минатата година произведе околу 10.000 тони мед. Според податоците на Националното биро за статистика, лани во Хрватска биле увезени 3.000 тони мед, пренесува Даница.хр.