На денешната партнерска конференција за одржливо управување со отпад, насловена како „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“ фокусот беше ставен на итноста од подобрување на управувањето со отпад во Северна Македонија, при што регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) се наметнува како најдолгорочно и најодржливо решение. Ефикасното управување со отпадот е од суштинско значење за секоја држава, бидејќи директно влијае на јавното здравје, животната средина и економскиот развој. Соодветниот систем го намалува загадувањето, спречува ширење на болести и ги штити природните ресурси, додека истовремено помага во ублажување на климатските промени преку намалување на емисиите на стакленички гасови и поттикнување на циркуларната економија. Еден од најгорливите проблеми во Северна Македонија е состојбата на инфраструктурата за управување со отпад. Голем дел од возниот парк за собирање отпад е стар над две децении, а руралните подрачја остануваат недоволно опслужени. Нелегалното исфрлање отпад продолжува, бидејќи депонирањето сè уште е најевтината опција. Затворањето на депониите што не ги исполнуваат стандардите е неопходен, но скап процес – само за 16 локации во Пелагонискиот и Југозападниот регион потребни се над 25 милиони евра. Ова е сериозен потфат, имајќи го предвид фактот дека повеќе од 99% од собраниот отпад завршува на депонии, а воедно, не целиот отпад што се создава се собира – остатокот завршува на нелегални ѓубришта. Во 2023 година, оваа разлика изнесуваше 30%.
Потребна е посветеност на реформите и значајни инвестиции во модернизација на системите за собирање отпад, зголемување на селектирањето и рециклирањето, и воспоставување на регионални центри за управување со отпад. Клучниот чекор во оваа трансформација е Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО), кој треба да ги замени застарените општински депонии со модерни санитарни депонии и постројки за третман. Овој систем обезбедува усогласеност со еколошките стандарди на ЕУ, ги оптимизира трошоците преку меѓуопштинска соработка и овозможува долгорочно и одржливо решение за управување со отпадот.
Сепак, успешната имплементација на РСУО ќе зависи од подготвеноста на општините да ја преземат одговорноста за процесот, како и од обезбедувањето на финансиски механизми што ќе го поддржат неговото функционирање на долг рок. Доколку овие реформи не се спроведат навреме, ризиците по животната средина и јавното здравје ќе продолжат да растат, а трошоците за справување со кризата во иднина ќе бидат уште поголеми. *** Конференцијата е организирана во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ кој е финансиран од Шведска и реализиран од SALAR International во соработка со партнерите МЖСПП, МЛС и ЗЕЛС.