Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе им возврати ударот на Хутите откако ракета испукана од групата го погоди главниот аеродром во Израел.
„Напаѓавме во минатото, ќе напаѓаме и во иднина“, се закани Нетанјаху во видео објавено на социјалните мрежи.
Ракета, истрелана од Јемен од група поддржана од Иран, падна во близина на главниот терминал на аеродромот „Бен Гурион“ соопштија израелските власти. Портпаролот на војската на Хутите, Јахја Сари, изјави дека израелскиот аеродром „веќе не е безбеден за воздушен сообраќај“.
„Секој што ќе нè удри, ќе удриме седум пати посилно“, изјави Израел Кац, министерот за одбрана на Израел.
Аеродромот сега е повторно отворен за летови, по привремената суспензија – иако неколку големи авиокомпании, вклучувајќи ги „Луфтханза“, „Ер Франс“ и „Делта“, ги откажаа неделните летови до и од аеродромот. Сирени се вклучија во неколку делови од земјата додека се приближуваше ракетата – а израелските воздухопловни сили соопштија дека истражуваат зошто не успеале да ја пресретнат. Високиот командант на израелската полиција, Јаир Хехрони, им покажа на новинарите кратер создаден од ударот на ракетата, за која властите на аеродромот соопштија дека паднала покрај патот во близина на паркингот на Терминалот три.
„Можете да ја видите сцената веднаш зад нас, дупка што се отворила со дијаметар од неколку десетици метри, а исто така се протега и десетици метри во длабочина“, рече Хекрони, додавајќи дека немало значителна штета.
Нетанјаху ќе се сретне со министри и претставници на одбраната за да разговара за одговор, објавија локалните медиуми. Хутите, бунтовничка група поддржана од Иран со седиште во Јемен, редовно изведуваат ракетни напади врз Израел во знак на солидарност со Хамас во Газа.