Веќе 10 години објаснуваат мои колеги и јас со нив дека административниот систем сам по себе е корумпиран, каста за себе, дури и особено кога не е составен од новодонесени политички наградени кадри: земјава е од 1991 “делумно слободна земја” според Фридом Хаус во делот на демократски институции, напиша Катарина Колозова на социјалните мрежи, алудирајќи дека постојат начини да се регулира и оправи системот.
„Дури и кога не е корумпиран службеникот, целата логика е коруптивна, бесконечни и бесмислени бирократски процедури за да не добиеш дозвола дури и кога исполнуваш услови, како систем на моќ врз граѓанинот и уцена. Секоја банална дозвола е пекол да се добие, а во овој Левијатан секој селски службеник- од оние неменлививите – има бесконечна моќ бесконечно да уценува, и да бара поткуп. “Од главата смрдела рибата,” и се одбива дека концептот на администрирање е на глава, наопаку ставен, оти првата филозофска вредност е обратна од таа на Европската повелба на темелните права (особено член 41): нашите закони ја штитат апстрактната држава од “корумпираниот” граѓанин, а не обратно. Темелот на европското администрирање е обратен: Граѓанинот се штити од институционална неправда и злоупотреба, не обратно. Во време на СДСМ пишуваме куп студии да го објасниме ова, и дека треба логиката да си ја сменат за да се “одзароби” државата. Се’ додека не се преустрои административниот систем а администрирање не прекине да биде дел од студии по право (друг пат сум објаснила зашто – долго е), нема одзаробување. Исто така, одговорноста мора да се децентрализира: со тоа што секој банален документ кој не може да го провери го потпишува министер, корумпираниот службеник кој одобрил е заштитен. Има како да се смени, но никој не нѐ чита како тоа се изведува. Барем да се зборува на ваков системски начин, може ќе се сменат нештата:
– управување е посебна гранка, и се учи како дел на студии на политики, јавно управување па дури и ко еден тип на менаџмент во јавни политики – не право.
– законот за администрација да се смени и да прекинат чиновниците да бидат заштитени од каква било казнивост.
– законот за управна постапка да не биде ѓоа-закон туку да дава материјални исходи: не да те враќа на стартот на постапката во бесконечен круг, туку да има пресуда- “ти си требал да добиеш дозвола, те оштетиле, ќе ти платат, службеникот одговара”.
– да се децентреализира одговорноста и надлежните службеници да си потпишуваат и со тоа да си одговараат лично оти од кај знае еден Миле Јанакиевски или Бектеши дека тој и тој клуб во Кочани исполнува стандарди – некој му дал хартија да потпише. Доста на секоја банална глупост, потпис на министер. Така, не апсете рандом луѓе за оваа метастаза во системот туку фатете се со сериозно преустројување на нештата“, напиша таа.