Од здружението за заштита на животните Анима Мунди реагираат поради немилите случаи на каснување од куче на улица, за кои посочуваат дека не се нешто ново во земјава, туку долгогодишен проблем кој упорно е игнориран од надлежните институции. Од здружението апелираат конечно да се донесат законски измени по овие прашања, а општините да започнат со работа – да се контролира разможувањето на милениците, да се забрани непрофесионално чување на раси, како на пример пит бул, да се започне со казнување на неодговорните сопственици, но и да се воведат најстроги казни за мачење, занемарување на животни, како и за неодговорно сопствеништво.
Во основата на оваа криза стои неодговорното сопствеништво и отсуството на систем. Се среќаваме со ситуација каде што на улиците ни се наоѓаат кангали, ротвајлери, пит були, азијати, хаски, ловечки раси, кои не се природни бездомници. Тие се кучиња кои некој ги оставил, ги занемарил или злоупотребувал. Овие животни се неодговорно чувани и често трауматизирани, и самите жртви. За нив институционално решение нема, посочуваат од Анима Мунди.
Додаваат дека секој ден гледаме неконтролирано размножување, исфрлени довчерашни миленици, цели легла, што создава сѐ поголем број напуштени животни; трауматизирани кучиња кои, преплашени и гладни, стануваат потенцијално опасни; институции кои со години ги одбегнуваат своите обврски и дозволуваат оваа состојба да ескалира. -Веќе не може да се зборува само за „проблем со бездомни животни“. Ова е проблем со институционален молк, со законска дупка, со отсуство на контрола и санкции. Овој проблем не е споредна работа која се однесува само на некои локални здруженија, туку е прашање кое засега сите нас. Без итна и ефективна интервенција од страна на локалните власти, проблемот со бездомните животни ќе продолжи да се влошува. Државата е должна да донесе и спроведе законски измени кои конечно ќе го адресираат проблемот на корен. АХВ (МЗШВ) мора итно да пристапи кон измена на закон за што до нив поднесовме иницијатива и барање за вклученост. Општините се должни – и по закон – да спроведат масовни стерилизации и да ја контролираат одговорноста на сопствениците на животни, велат од здружението.
Од таму бараат итни и решителни мерки: Забрана за неконтролирано размножување – дозволено само за регистрирани одгледувачи. Кривична одговорност за напуштање животни, зошто претставува мачење на животното и јавна опасност по безбедноста на сите. Стимулирање на стерилизација преку даночни политики. Најстроги казни за мачење, занемарување и неодговорно сопствеништво. Забрана за размножување на одредени раси кои не се соодветни за непрофесионално чување (пр. Пит були). Итна измена на Законот за заштита на животните – со јасни обврски, механизми за контрола и реални санкции. Ова не се нови барања – ова се барања кои ние како здружение со години наназад даваме иницијативи. -Ова не е работа што треба да ја „туркаат“ неколку волонтерски организации. Ова е прашање на јавна безбедност, на здравје, на хуманост; дали сакаме да сме цивилизирано и нормално општество или општество полно девијации и суровост. Проблем што сите нѐ засега и кој не смее повеќе да се игнорира. Анима Мунди стои на располагање за детална аргументација и формулација на сите овие барања. Но на потег се институциите. Имаат одговорност, имаат обврска, имаат избор. Без систем – нема решение, крпиме последици, на штета на луѓето и животните се вртиме во круг, реагираат од здружението.