Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, денеска изјави дека поддржува секакви промени на Уставот, кои, како што вели, предвидуваат менување на државните симболи поврзани со минатиот општествено-политички систем. Според него, со овие уставни промени би се покажала сегашната реалност на државата. „Ние сме подготвени да разговараме за еден пакет на уставни измени, каде што наместо наследството од претходниот систем ќе се рефлектира сегашното ориентирање на државата кон Европската Унија.
Ние сме подготвени да разговараме за предлог-пакет каде што секако ќе се разгледува амблемот (државниот грб), прашањето за химната, но и прашањето за други уставни измени поврзани со унапредувањето на правата на Албанците или прашањето за несоодветното дефинирање на албанскиот јазик во Уставот, како јазик што го зборуваат 20 отсто од граѓаните“, изјави Касами. Враќањето на промената на државниот грб во јавниот и политичкиот дискурс, Касами ја поврзува со неговата иницијатива за промена на имињата на улици во Тетово, што, според него, се наследство од минатиот систем. „Јас впрочем во еден претходен мој јавен настап сум кажал дека и една од целите за именување на улиците во градот Тетово беше тоа што уште стои наследството од минатиот систем, што е и образложението на премиерот во делот на менување на грбот на државата“ – изјави тој.